Во име на достоинството и слободата на сите – „На здравје!” #TDoR2024

Правото на самоопределување е клучно за опстанокот и слободата на секој човек, порачаа со регионалната кампања „На здравје!” Транс Мрежа Балкан во соработка со регионалните организации Колектив Талас ТИРВ од Србија, Здружението Спектра од Црна Гора, КолекТИРВ од Хрватска, ТрансФормA од Македонија и ТрансАкција од Словенија. Оваа кампања го одбележа Денот на сеќавање на жртвите на трансфобијата, кога секоја година се објавува колку транс лица се убиени само поради тоа што се. Преку оваа акција го славиме животот со наздравување на сите оние кои се тука и кои се борат, оддавајќи им чест и сеќавање на оние кои трагично ги загубија животите.

Според податоците на една од најкредибилните европски организации, Transgender Europe nad Central Asia – TGEU, која го следи насилството врз транс заедницата на глобално ниво, ширум светот се убиени 350 транс лица. Овие бројки не се само статистика; зад секој број се крие име, живот, соништа и потенцијал кој е скратен од насилство и нетрпеливост. Секој од тие луѓе беше нечија сестра, брат, ќерка, син, најдобар пријател, партнер или партнерка, а со загубата на секој човек изгуби и општеството.

Секој 20 ноември, на овој ден се сеќаваме на сите оние кои ги загубија животите само затоа што сакаа да живеат слободно и среќно. Трансфобијата, која ја негира вредноста на животите на транс луѓето, им го ускрати тоа основно човеково право.

Сепак, овој датум не е само ден на сеќавање; тоа е и повик за акција, одговорност и инсистирање на неопходноста од казнување на насилството и дискриминацијата, како и одбрана на правата и достоинството не само на транс луѓето, туку и на целото општество.

Достоинствен живот не постои ако немаме право да се дефинираме и изразуваме, без страв дека ќе не судат, нападнат и на крајот – убијат. Правото на самоопределување е клучно за опстанокот и слободата на секое човечко суштество, без разлика на нашиот идентитет, без разлика дали е тој пол, национален, верски или кој било друг, правото да не биде определен од сосед, познаник или држава. Трансфобијата не е само прашање на омраза, туку и прашање на негирани права на живот, безбедност и слобода. Трансфобијата не е само прашање на однос кон транс луѓето, таа е одраз на угнетувачки систем кон сите нас, систем кој ја одредува нашата улога и место во него и кој профитира од омразата.

Денеска не само што ги почитуваме изгубените животи, туку и ја славиме силата, издржливоста и храброста на сите оние кои секојдневно се борат за своето право на постоење.

Ние сме заедница на горди, решителни, упорни и храбри поединци кои активно работат за општество кое е добро за сите. Нашиот глас не се замолчува со одземање нечиј живот – напротив, тој станува посилен и порешителен да не дозволи никому повеќе да му се случи.

Оваа година, преку кампањата, потсетуваме дека правото на живот е апсолутно и дека транс луѓето ќе продолжат да постојат и да се борат за свет во кој секој ќе може да наздрави од своето место на масата „На здравје!”. – со гордост, достоинство и без страв.